речник контакт

Дали „книгите“ се најголемо откритие по најдените свитоци кај Мртвото Море?

Неименуван бедуин на северниот дел на Јордан во едни карпи нашол 70 мали „книги“ кои можат да ги откријат тајните на најраните денови на христијанството. Се уште не е потврдена автентичноста на книгите

Петар Печков

Колекцијата од 70 мали „книги“ со метални страници поврзани со жица, кои неименуван бедуин пред пет години ги најде во карпи на северниот дел на Јордан, може да ги открие тајните за почетоците на христијанството, тврдат академици. Тие се поделени околу автентичноста, но ако таа се докаже, книгите можат да бидат најголемо откритие од 1947 година, кога биле најдени свитоци покрај Мртвото Море.

 Можеби ќе бидат потребни дополнителни интерпретации и доверба во автентичноста, но почетните информации се многу охрабрувачки и се чини дека гледаме во многу важно и значајно откритие, можеби најважно октритие во историјата на археологијата, изјави Зиад-ал-Саад, директор на јорданско Одделение за стариот век.

На страници со големина на кредитна картичка запишани се симболи, цртежи и зборови кои наводно се однесуваат на Месијата, а можно е да се однесуваат дури и на распнувањето и воскреснувањето. Анализите направени на „книгите“ укажуваат дека е можно да потекнуваат од првиот век, а ако тие наоди се потврдат, значи дека „книгите“ се едни од првите записи за христијанството, постари од записите на Свети Павле. Некои сметаат дека во нив може да се наоѓаат дури и записи за последните денови од животот на Исус Христос, како и тоа дека ги пишувале неговите следбеници во години по неговото распнување.

Восхитува помислата дека во раце држевме предмети кои можеби ги држеле и светци, вели Давид Елкингтон, кој учествувал во анализата на книгите. Тој смета дека книгите најавуваат доаѓање на Месијата.

Книгите ги открил јордански бедуин, но завршиле кај израелски бедуин кој наводно илегално ги прошверцувал во Израел. Јорданската Влада сега се обидува да ги врати во Јордан. Британски експертски тим кој се бавеше со анализа на дел од книгите стравува дека израелскиот бедуин планира да ги продаде на црниот пазар или да ги уништи. Бедуинот пак, ги отфрлува обвиненијата и тврди дека книгите се во неговото семејство веќе 100 години.

 Важно е колекцијата да се врати неоштетена, за добро на нејзиниот сопственик но и на меѓународната публика, рече Елингтон кој е на чело на британскиот тим кој помага да се вратат книгите во Јордан, пишува „Дејли Меил“.

Докази кои упатуваат дека книгите зборуваат за христијанството

Маргарет Баркер, која се занимава со историјата на Новиот завет, рече дека локацијата на најдените книги потврдува дека се работи за христијански запис.

Знаеме дека во два наврати верници од Ерусалим бегале на исток, поминале преку Јордан кај Ерихон и продолжиле источно каде се најдени овие книги. Втор знак кој упатува дека книгите се со христијански записи е дека се пишувани во форма на книга, а не на завиткани пергаменти, а биле запечатени што била тајна традиција на раното Христијанство, вели Баркер.

И во Книгата на откровението се спомнуваат такви запечатени книги. Еден мал дел од новите книги кој е преведен вели: „Ќе одам исправено“. Таа реченица се наоѓа и во Книгата на откровението. Сосема е сигурно дека сите пронајдени книги потекнуваат од ист период, а корозијата на нив упатува дека се исклучително стари, пренесува Би-Би-Си.

Свитоците од Мртвото Море

Свитоците од Мртвото Море или како што уште ги нарекуваат Кумранските записи се откриени меѓу 1947 и 1956 година во 11 карпи во околината на Кумран на северозападниот брег на Мртвото Море. Записите ги пронашол овчар кој барајќи ги овците наишол на влез во непозната карпа каде нашол внимателно наредени ќупови полни со стари записи.

Овие записи се состојат од над 900 документи и тие имаат големо историско и религиско значење, бидејќи ја содржат единствената позната зачувана копија на библиските документи. Напишани се на хебрејски, арамејски и грчки, повеќето од нив на пергамент, но и на папирус.

По откритието восхитените научници почнаа да ја истражуваат староста на тие документи, а тоа наметна две прашања: кои биле сопственици на тие записи и дали тие текстови ќе откријат некои непознати податоци кои не се запишани во конечната верзија на Библијата.

Загубеното Евангелие по Јуда

Древниот ракопис на Евангелието по Јуда потекнува од третиот век и е напишан на староегипетско коптско писмо. Ова евангелие е документ кој е напишан на папирус и е најден сосема случајно во 1978 година во близина на Бени Мустафа во Египет, а потоа му се губи секаква трага.

Се верува дека записите кои го содржеле ракописот на ова евангелие и други документи се продадени на трговец на египетски антиквитети. Откако биле во сеф во банка цели 16 години, во 2000 година го купила трговецот со антиквитети од Цирих Фреда Нусбергер-Такос. Загрижена од состојбата во која се наоѓале записите, таа ги дала на конзервацја и превод на експерти во Фондацијата за античка уметност „Меценас“ од Базел во Швајцарија.

Во Евангелието по Јуда приказната за предавството на Исус е поинаку раскажана. Имено, Јуда Искариотски, најпрезрениот предавник во христијанската историја, кога го предал Исус на властите, го направил само тоа што од него го барал неговиот учител. На почетокот на текстот се истакнува дека се зборува за „тајниот опис на откровението кое Исус во разговор му го пренел на Јуда Искариотски три дена пред прославата на Пасха, пренесува Нешанл Џеографик.

текстот е превземен од 24 часа - Загреб

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »